Стратешкиот договор со Велика Британија е ново задолжување од шест милијарди евра, засега по непознати услови
Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе биде основата и фундаментот на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од шест милијарди евра. Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфаструктурата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски најбројувајќи за кои проекти би се користеле парите.
Во наредниоте денови ќе се потпишат договори за најавените инвестици. Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе овозможи најсилна досега економска соработка меѓу двете влади.
Британскиот амбасадор, Метју Лосон рече дека тие се големи инвеститори и дека британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст од кои граѓаните ќе имаат корист.
Во однос на условите за најавените инвестиции од договорот, според премиерот Мицкоски се работи на деталите кои се, вели, најдобрите што некој може да ги има на пазарот. Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите.
Премиерот сепак не ги наведе деталите околу договорот вреден 6 милијарди евра.