Страотна смрт, 39 кинески мигранти умирале во маки
Foto

Страотна смрт, 39 кинески мигранти умирале во маки

 Сите 39 лица, чии безживотни тела беа пронајдени вчера во приколка на камион-ладилник во југоисточна Англија се кинески државјани. Британските медиуми пишуваат дека досегашната истрага утврдила дека во ладниот контејнер на температура од – 25 степени и без воздух, мигрантите немале шанси да преживеат. 38 се мажи и една тинејџерка, а според полицијата се работи на идентификување на телата. Оттаму соопштуваат дека камионот патувал од белгиското пристаниште Зебруж до англискиот град Пурфлит, заради што и белгиското Јавно обвинителство отвори истрага.

„Се претпоставува дека контејнерот преминал преку Белгија и е качен на брод во градот Зебруж. Не е познато колку долго бил во Белгија.“ - вели Ерик Ван Дајз – портпарол на Јавното обвинителство на Белгија.

Полицијата во Британија информира дека форензичките анализи покажуваат дека мигрантите во ладилникот биле најмалку 15 часа пред да бидат пронајдени мртви во Есекс. Иако, камионот пред две години бил регистриран во Бугарија, премиерот Бојко Борисов изјави дека тие не можеле да се качат во Бугарија, бидејќи возилото не влегло цели две години.

„Камионот во 2017 година е регистриран во Бугарија од државјанка на Ирска. Потоа заминал од земјата и никогаш повторно не влегол. Така што, на ниту еден начин не можеме да бидеме поврзани, освен со регистарските таблички на камионот.“ - истакна Борисов.

Возачот на камионот, 25 годишниот Мо Робинсон, кој е жител на северниот ирски град Портдаун, се уште е во притвор, а истрагата ќе треба да ја утврди неговата поврзаност со целиот случај.Амнести Интернешнл и други групи за човекови права оценуваат дека острата политика на британските власти за илегална миграција ги тера мигрантите кон се поочајни чекори за влез во земјата.

0 Коментари

Остави коментари