Странските инвестиции во слободен пад
Странските директни инвестиции во Македонија во сериозен пад. Според регионалните анализи, во земјава лани се слеале околу 468 милиони евра, што е намалување од дури 61 процент во споредба со годината претходно.
Ова е еден од најслабите резултати во регионот и ја позиционира Македонија меѓу земјите со најголем пад на инвестиции на Балканот. Во исто време, дел од соседните земји бележат раст, што дополнително ја нагласува разликата во економските текови. Пад на странските инвестиции има и во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, но значително помал отколку во Македонија.
За разлика од нив, раст бележат Словенија, Црна Гора, Албанија и Косово, при што Косово се издвојува како земја со најдобри резултати во регионот. Опозициските партии оценуваат дека ваквиот пад е сериозен аларм за економијата и предупредуваат дека тоа значи помалку работни места, намалено производство и ограничени можности за раст на платите.
Дополнителна загриженост отвора и анкетата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора од минатиот месец. Според неа, иако 55 проценти од компаниите планираат нови вложувања, само околу половина би инвестирале повторно во земјава, а инвеститорите посочуваат проблеми со правната сигурност, бирократијата и недостигот на работна сила. Иако Владата во повеќе наврати најавува нов инвестициски циклус и економски раст, бројките покажуваат дека 2025 година останува една од послабите години во однос на привлекувањето странски капитал.
Од Владата денеска не добивме одговор на прашањата кои се причините за ваквиот драматичен пад и дали постои конкретен план за враќање на довербата кај странските инвеститори. Останува отворено прашањето дали станува збор за привремен пад како резултат на глобалните економски услови, или за подлабок структурен проблем во економијата што бара системски решенија.

