Стотици жртви е епилогот од вулканското цунами во Индонезија
Foto

Стотици жртви е епилогот од вулканското цунами во Индонезија

Спасувачките тимови во Индонезија секоја минута наоѓат безживотни тела. Бројот на загинати во вулканското цунами по од ерупција на вулканот Кракатау постојано се зголемува..Официјалната бројка засега е повеќе од 220, но се стравува дека ќе има многу повеќе, особено поради фактот што дури околу илјада лица се повредени, а многумина се водат за исчезнати. Делови од крјбрежјето на индонезиските острови Суматра и Јава, се целосно срамнети со земја, по што властите упатија апел и до локалното население, но и до големиот број туристи да бидат што подалеку од океанскиот брег.

„Во овој период од годинава има многу туристи. Задутре е Божик, но за жал се случи оваа природна катастрофа. Сега луѓето се исплашени, локалното население од страв не се враќа дома, хотелите се испразнети. Сите доброволно заминуваат во привремените центри за згрижување.“ - изјави Аулиа Ариани – Црвен крст на Индонезија.

Во предбожикната миса попладнево во Ватикан, папата Франциско во ги повика верниците на заедничка молитва за стотиците жртви во Индонезија.

„Моите мисли во ова време се со населението на Индонезија, погодено од природни катастрофи, кои предизвикаа сериозни загуби на човечки животи, каде многу луѓе се исчезнати и без домови и каде се е уништено.“ - се обрати Папата Франциско.

Локалните медиуми објавија дека пред цунамито немало никакво предупредување. Од индонезиската Агенција за справување со елементарни непогоди информираат дека тоа удрило со неверојатна сила, од што настанале бранови високи повеќе од 20 метри. На едно од видеата се гледа како голем бран удира за време на синоќешниот концерт на бендот Севентин. Басистот и менаџерот на групата се загинати, а сопругата на фронтменот се води како исчезната, заедно со уште три членови на бендот.

„Нашиот басист Бани и менаџерот Оки починаа“. Ги молам спасувачките тимови да ги најдат живи останатите од бендот и мојата сопруга.“ - изјави Ифан – фронтменот на Севентин.

Властите велат дека волонтерски тимови на Црвениот крст и на други хуманитарни здруженија од синоќа се распоредени на терен. Помагаат во евакуацијата, а првенствено се насочени кон пронаоѓање на преживеани. Од Геолошката агенција на Индонезија соопштуваат дека вулканот Кракатоа во петокот еруптирал, а ерупцијата траела 1 минута и 12 секунди, исфрлајќи пепел во висина од 400 метри, по што експертите велат дека цунамито е последица од ерупцијата, кое за жал не можело да се предвиди.

0 Коментари

Остави коментари