Стотици граѓани живеат на листа за трансплантација, најмладата пациентка што чека срце има 26 години

Јавната свест за органодарителството кај нас се уште е на релативно ниско ниво, а се поголем број  лица чекаат на листите за пресадување орган. Најмладиот пациент што чека срце е девојка на 26 години.

Многу од пациентите кои чекаа орган, за жал, не дочекаа трансплантација. Тоа е последица што свеста за органодарителството е на многу ниско ниво, вели Ирена Ралева – Најдевска, сопруга на лице кое чека орган за пресадување, активистика и поддржувач на Националната кампања за органодарителство на здружението Храбро срце.

Соња Столеска пак е пациентка со пресаден црн дроб. Таа споделува дека после четири години, со бројни абдоминални и плеурални пункции и над две илјади албумински терапии ја добила шансата за живот со трансплантација извршена во Белград.

За прв пат во историјата на македонското здравство во 2020 година се трансплантираше срце, следната година беше изведена првата трансплантација на коскени ткива, за да во 2023 година се трансплантира и првиот црн дроб во земјава. Додека од 2012 година до сега направени се над 520 трансплантации на бубрези, што е рекорден број.