Стотици граѓани - цел на интернет измама

Голем број граѓани денеска останаа без поголеми суми пари од своите сметки откако наседнаа на интернет измама, која кружи низ земјава. Прво пристигнува СМС порака од сервис потпишан како Руте, во која пишува дека преку Македонски пошти сте добиле пратка која подлежи на царниски такси и мора да ги платите на линкот кој ви го испраќаат.

Откако ќе кликнете на линкот, се отвора лажна веб страница на Македонски пошти, на која ви бараат податоци од платежна картичка. Тука започнува измамата.

- Очекувам пратка, која при нарачката, испраќачот се обврза дека ќе ми ја достави до утрешниот датум. Затоа, кога утрово ми стигна пораката, во прв момент помислив дека се однесува за мојата пратка. Ги дадов податоците, ми стигна нотификација дека треба да го испратам кодот кој сум го добил повратно на СМС, за да се изврши уплатата. Чекав подолго, но порака со код не ми стигна. Потоа напишав број од 1 до 6 и се појави порака дека таксата е платена, но пари од сметката не ми беа повлечени. Целата работа ми стана сомнителна, откако на сервисот за следење пратки на веб страницата на Македонски пошти го внесов бројот на пратката кој ми го испратија и видов дека таква пратка не постои. Откако подетално го разгледав лажниот сајт на пошти, видов дека освен таа страница, немаше ниту еден активен линк или мени и веднаш се јавив во банката, да пријавам можна измама. - раскажа за ТВ 24 граѓанин кој бил цел на измамата, но кој сакаше да остане анонимен.

Откако ја контактирал својата банка, му кажале дека денеска многу граѓани се жртви на измамата со лажни поштенски пратки за кои се барало плаќање на царина. Дел од оние кои дале податоци од своите платежни картички, останале без 500 до 600 евра, кои измамниците успеале да им ги украдат. Нашиот соговорник ги спасил своите пари, но побарал од банката картичката да му биде блокирана.

Дел од банките со кои контактиравме, потврдија дека денеска имале зголемен број поплаки од граѓани за измами со лажни поштенски пратки и царниски давачки. Очигледно е дека интернет измамниците стануваат се пософистицирани, коментираат ИТ експертите, според кои, граѓаните оставаат свои податоци и таму каде што не треба, па така измамниците добиват и телефонски броеви, кои потоа ги користат за испраќање СМС пораки. Интересен е и тајмингот кој го бираат за измамата, поврзани празници, во кои баните не работат, па потешко се доаѓа до техничка поддршка.

МВР апелира до граѓаните да бидат внимателни при користењето на социјалните мрежи, никако да не наседнуваат и во никој случај да не испраќаат лични податоци преку социјалните мрежи, затоа што на тој начин можат да станат жртва на измамниците.