СТОРИЈА НА ТВ 24: СУДИЈКА ВО ВЕЛЕШКИОТ СУД ДАВАЛА ПАРИ ЗА ЛАЖЕН ИСКАЗ?

Судијката од велешкиот суд Лорета Тодорова не убедуваше лажно да сведочиме дека сме виделе како нејзините роднини ја нападнале и и се заканувале дека ќе ја убијат, а му извадиле пиштол на нејзиниот сопруг. Ако треба за тоа и ќе ни платела. Вакви изјави потпишале велешанките Стојна Цецева и Николина Јованова, кои се соседи на семејството Мирови, кого судијката ги обвинува за насилство. Ангел Ѓорѓиев, адвокатот на обвинетите татко и син Митре Миров и Горан Шојлев вели дека судијката Лорета Тодорова лажно обвинува, грубо злоупотребувајќи ја својата судиска функција.

Според обвинението, во јуни годинава Тодорова со мајстори дошла во куќата на нејзините родители, кои делеле ист двор со Мирови. Тогаш, таткото и синот и се нафрлиле и почнале да и се закануваат со убиство. На полицијата и пријавила дека Мирови извадиле пиштол, по по претсресот, оружје не било најдено. Единствениот сведок кој денеска сведочеше кажа дека расправија имало, потврди дека видел пиштол, но не слушнал закани. Обвинителката го потсети дека во истрага кажал поинаку, но тој остана на денешното сведочење. Митре Миров, кој е второобвинет, вели дека неговата внука, судијката Тодорова веќе 30 години го влечкала по судови, со цел да им земе дел од имотот, користејќи ја нејзината моќ како судија.

Во своето сведочење судијката Лорета Тодорова тврдеше дека долго време трпела закани од нејзинте роднини, па заради тоа, била под полициска заштита. По завршувањето на рочиштето, таа не сакаше да даде изјава, но негираше дека ја злоупотребувала својата функција. Адвокатот Ѓорѓиев најави кривична пријава против судијката Тодорова за подмитување и убедување сведоци да даваат лажни искази, но и претставка до Републичкиот судски совет за нејзината работа. Судењето за овој предмет ќе продолжи на 21 јануари, кога Цецева и Јованова треба во судница да ги потврдат своите писмени изјави.