Стопанската комора на Северозападна Македонија ги поздрави мерките на Народната банка за пониски трошоци за платни услуги за бизнисот
Членовите на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, на средба со гувернерот Трајко Славески, ги поздравија мерките на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги, кои веќе ги даваат првите резултати, и иницијативата на Народната банка за обезбедување поповолни услови за користење на платежните услуги за фирмите.
Како што информираат од Народната банка, гувернерот Славески нагласил дека со овие мерки Народната банка испраќа јасна порака за поддршка на сеопфатните економски придобивки преку овозможување пониски трошоци за електронските плаќања за компаниите и обезбедување поголема достапност и ефикасност на платните услуги.

