Стопанска комора: Македонскиот туризам сè уште далеку од нивото пред кризата

Сите други земји ги достигнаа бројките од 2019 година во туризмот, а ние сме сè уште далеку од нивото пред кризата. Бележиме пад од 30 отсто кај странските туристи, а не ги искористивме ниту потенцијалите на регионалниот и на домашниот пазар па освен раст на српски, нема зголемување на бројот на други туристи од соседството, соопшти денеска Стопанската комора.

Во пресрет на утрешниот Ден на туризмот, Комората предочи дека само од Холандија која е пазар од каде со години се реализираат најголем број ноќевања, има намалување од 60 проценти.

-За напомена е значењето на странските туристи, бидејќи 94 отсто од нив ги оствариле ноќевањата во хотели што значи дека најсилен е ударот кај хотелиерите кои генерираат работни места. Бележиме намалување на бројот на ноќевања за 30 проценти, бидејќи токму странците генерираат ноќевања во хотелите. Хотелите на езерата, на пример, во Охридско и Струшко, евидентираат намалување за 140 000 ноќевања, рече Даниела Михајловска Василевска од Комората.

Според неа, вкупниот број на туристи во однос на 2019-та за периодот јануари – јули е помал за 127 000 или за 260 илјади ноќевања.

-Ова е пад од околу 30 отсто. Бројот на домашни туристи и ноќевања од реализирани домашни туристи за истиот период го достигнал нивото од 2019-та година, додека бројот на странски туристи и реализирани ноќевања од странски туристи е помал за 135 000 туристи или за 261 000 ноќевања што е 31 процент помалку. Ова покажува дека се уште сме далеку од достигнување на нивото пред кризата, потемцира Михајловска Василевска.

Претседателката на Здружението за угостителство и туризам при Комората, Ана Таневска Георгиевска потсети дека единствен сектор што може да ги надомести економските загуби на краток рок, е туризмот. Таа информира дека Здружението изготви План за интензивен економски раст и унапредување на извозот преку туризмот.

-Истражувањата покажаа дека патувањата во радиус на 600 километри од местото на живеење, во чиста еколошка средина, ќе биде прв избор на туристите во годините кои следуваат. Досега Северна Македонија како дестинација не го искористи потенцијалот на регионалните пазари, ниту пак на домашниот пазар. Освен раст на бројот на туристи од Србија, од останатите земји во регионот нема зголемување на бројот на туристи. Можеме да сметаме на пазар од 50 милиони потенцијални туристи без Турција, надополнето со 3,5 милиони патници годишно кои транзитираат низ Северна Македонија за кои нема доволно содржини што би ги задржале подолго тука, напомена Таневска Георгиевска.

Таа посочи дека инвестиција во четири кревети за сместување туристи претставува еквивалент на едно вработување.

-Соодветно проектирани мерки и политики може да обезбедат дополнителен семстувачки капацитет за 60 000 кревети дисперзирани низ целата територија на Република Северна Македонија. Создавањето атрактивни услови ќе обезбеди домашни и странски инвестиции со што може да се слеат дополнителни над една милијарда евра во македонската економија, да бидат директно вработени над 30 илјади лица и да заживеат руралните средини, сето тоа речиси без инвестициски расходи од државната каса, истакна претседателката на Здружението..

Во туризмот, рече Таневска Георгиевска, скапата струја и недостигот на кадар и натаму се меѓу најголемите проблеми.