Столтенберг: Ова е најсериозната ескалација од почетокот на војната

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека нема да престане воената поддршка за Украина, но не одговори за брз прием на земјата во Алијансата како што побара Зеленски.

Шефот на Северноатлантската алијанса се обрати на прес конференција попладнево по говорите на рускиот и украинскиот претседател денеска, како и официјалниот чин на припојување на четирите украински области кон Русија по референдумите.

Јенс Столтенберг рече дека анексијата на Херсон, Запорижје, Доњецк и Луганск од страна на Русија е “најголемиот обид за насилна анексија на територија во Европа од втора светска војна“.

Со ова и со делумната воена мобилизација, како и нуклеарните закани на рускиот претседател Путин, постигната е “најголемата ескалација од почетокот на воената агресија на Русија врз Украина“, на 24 февруари оваа година.

НАТО и земјите членки ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и во враќањето на анектираните територии, рече Столтенберг.