Стојановска во СТУДИО 10: Има луѓе што би работеле како образовни асистенти, ама не може да бидат платени 8.000 денари за толку одговорна работа

Оваа година многу се работеше и се сработи за лицата со посебни потреби чијшто меѓународен ден се одбележува на 2 декември. Здружението на лица со Даунов синдром „Доза среќа“ е едно од оние кои работат на оваа тема но е посебно по тоа што е годинешен доботник на нарадата на Град Скопје „13 ноември“.

-Има поместувања во тоа како се гледа на децата со Даунов синдром. Јас сум мајка на дете со Даунов синдром и згрижувач на дете со оштетен вид. Јас од нив ја црпам мојата енергија, но проблемите се случуваат кога ќе излеземе од дома, вели Сузана Стојановска од Здружението на лица со Даунов синдром „Доза среќа“ во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.

Стојановска вели дека е многу тешко лицата со посебни потреби да се движат сами надвор од домот.

-Јас имам доверба мојот син да го пуштам сам да оди надвор, но немам доверба во другите луѓе околу него, вели Стојановска.

Секој ден се соочуваме со различни проблеми со неразбирање на потребите на луѓето со посебни потреби, вели Стојановска. Таа додава дека нејзиниот син, кој е трета година во гимназија нема обезбеден од државата образовен асистент што е должна бидејжи основното и средното образование се задолжителни.

-Има луѓе кои би биле образовни асистенти, но тие луѓе треба да се платат. Не може тие луѓе да работат толку одговорна работа за осум или девет илјади денари, вели Стојановска.

Улогата на образовниот асистент е постојано за време на часовите да биде со детето и да му помага и околу материјалот што треба да го совлада, но и ако се вознемири да го изнесат надвор. Тие им помагаат и на децата, но и на наставниците бидејќи им овозможуваат да се посветат на наставната програма.