Стоилев: Голем интересот за ИПАРД 3, годинава се очекува реализација на 8 000 000 евра, а догодина на 20 милиони

Пријавуваат едно во бизнис планот, но кога доаѓаат кај нас, констатираме нешто сосема друго - плус објект или дејност што нема никаква врска со онаа за која аплицираат. Таквите документи ги дисквалификуваме и тука нема компромис. Објаснуваме дека не смее да се отстапува од критериумите пропишани со огласот, даваме совети, консултации. Мора да се научиме како да работиме, да се држиме до строго утврдените правила и да ги почитуваме, порачува Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) која има клучна улога во распредлбата на државната поддршка и средствата од ИПАРД.

Во интервју за МИА, Стоилев нагласува дека Агенцијата спроведува редовни контроли на исплатените субвенции. Тоа, вели, ги намалило неусогласеностите и обидите за стекнување поддршка со измама или лажно декларирање. Надградувањето на Секторот за теренска контрола ќе продолжи за да се заштити Буџетот и наменски да се користат финансиските средства.

Според Стоилев, годинава Буџетот на Програмата за земјоделство е 7,2 милјарди денари, а од ИПАРД 3 се очекуваат уште околу 8 000 000 евра. Интересот за ИПАРД е голем и до крајот на 2026-та договорите ќе достигнат 20 милиони евра.

Тој ги потенцира и новините - за мерките за растително производство по обработлива земјоделска површина прв пат оваа година се воведува т.н. геопросторно барање за да се елиминираат разликите од декларираните површини до констататираните при извршените контроли, напуштен е веќе стариот начин на алфа-нумеричко поднесување барања. Кај ИПАРД 3, пак, прв пат е воведена можноста за авансно плаќање до 50 отсто од вредноста на инвестицијата до обезбедена банкарска гаранција од 110 проценти.