Сто и седумнаесет години од загинувањето на Гоце Делчев
Со панихида во чест на идеологот на Македонското револуционерно движење во сослужение на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан денеска во црквата „Свети Спас“ во Скопје беше одбележана 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев.
Цвеќе пред споменикот на Делчев положија бројни делегации, меѓу кои и делегација од Собранието предводена од потпретседателката Фросина Ременски која меѓу другото изјави дека некои историски константи не може да бидат предмет на политичко договарање, а Гоце Делчев е нашиот великан, па оттука и оддавањето на почит на неговата државотворна улога.
Премиерот Оливер Спасовски пак на својот Фејсбук профил напиша дека Гоце Делчев е наш великан кој со својата мисла и дело сплотува и обединува.
„Со својата мисла и дело Гоце Делчев е личност која сплотува и обединува, не само во Македонија, туку и пошироко. Не само во минатото, туку и денес во современа Северна Македонија и пошироко. Гоце Делчев е светлото име кое ја означува нашата борба за слобода и за независна Македонија. Гоце Делчев е нашиот голем учител, нашиот пожртвуван револуционер, нашиот патоказ кон иднината“ - напиша Спасовски.
А наместо Спасовски владината делегација на гробот на Гоце Делчев ја предводеше министерката за одбрана Радмила Шеќеринска која не даде изјава пред црквата Св. Спас поради мала група навивачи кои скандираа „Никогаш Северна секогаш Македонија“
Меѓу многубројните делегации почит кон името на Гоце Делчев денеска оддаде и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој рече дека Делчев е столбот на македонската државотворност.
Името на Гоце Делечев и после повеќе од еден век од неговата смрт предизвикува бурни рекации во јавноста на Балканот кој не може да се договори кој и што бил идеологот на македонската револуционерна борба.