Стигнаа сметките со зголемена цена на струјата

Поскапувањето на струјата ги стигна граѓаните, откако дел од нив деновиве ги добија сметките за потрошена електрична енергија. Најчесто се движат од пет илјади денари па нагоре, иако фактурите го опфаќаат половина декември по стара и половина јануари, период во кој струјата има нова, за речиси 10 отсто, поскапа цена.

Граѓаните не се премногу изненадени, иако велат дека животниот стандард не може да ги издржи новите цени на струјата.

Дел од граѓаните денеска реагираа на социјалните мрежи дека од ЕВН добиле несоодветни износи за потрошената струја. Се жалат дека инкасантите со месеци не им ги читале броилата, па сега им стигнале сметки, повиоки од реално потрошените киловат часови за претходните 30 дена.

На сето тоа добиваат и 10-процентно поскапување, што е огромен удар за домашниот буџет. Од ЕВН велат дека според нивните правилници, броилата треба да се читаат еднаш годишно, но и покрај тоа, нивните екипи читаат месечно. Сепак, поради големиот број вработени кои се во изолација поради пандемијата, се случува броилата да не се читаат редовно. Оттаму велат дека никогаш нема да наплатат повеќе од она што корисникот го има потрошено, па затоа ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека имаат несоодветни фактури, тоа да го пријават кај нив.

„Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено“.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека граѓаните сами можат да ја следат состојбата на потрошувачката на струја и ако утврдат грешка, да бараат од ЕВН да им ги корегира сметките.

„Доколку ЕВН Хоме не изврши корегирање на сметката во согласност со податоците за состојбата на броилата отчитани од корисниците, потрошувачите можат да достават приговор до Регулаторната комисија за енергетика“.

Од 1 јануари годинава струјата поскапе за 9,48 проценти, но ако на тоа се додаде и укинувањето на дневната ефтина тарифа, тогаш поскапувањето е поголемо. Граѓаните стравуваат од ценовен шок веќе следниот месец, кога во целиот износ на сметката за струја ќе биде вкалкулирано и поскапувањето. Македонија веќе неколку месеци се наоѓа во енергетска криза, поради високите цени на струјата на меѓународниот пазар, но и поради ниското домашно производство на струја.