Стевчо Јакимовски треба да се јави в затвор на 2 јули
Судот му издаде упатен акт на поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски-да се јави на 2 јули во затворот во Шутка. Ова следува откако Апелација ја потврди едногодишната затворска казна за Јакимовски, за предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош. Во изречената казна ќе му биде пресметано и времето поминато во куќен притвор во периодот од 19 март до 15 август 2019 година.
Кривичен суд-Скопје: „Судија за извршување на санкции од Кривичниот суд Скопје, на осудениот С.Ј. му издаде упатен акт за издржување на едногодишната казна затвор и истиот е упатен да се јави во Затвор Скопје на 2 јули 2026 година.“
Стевчо Јакимовски за Телевизија 24 вели дека се работи за класичен пример на политички прогон и расчистување со политичките неистомисленици, најави жалба. Рече дека ќе ги почитува највисоките државни судски органи.
Стевче Јакимовски: „Ова е класична политичка ликвидација, коешто е употребено за жал нашето судство. И ликвидацијата на Ченто ја направило судството, само што тогаш обвинението е непријател на народот, а сега има друго такво дело-злоупотреба на службена положба и овластување. Да одиш во затвор за две направени бараки од гипс картон, кои се времени објекти и коишто општината битисувала 13 години и сме заштедиле над милион ипол евра. Во истовреме, во Чаир има осумкатници, направени без урбанистички план, во тревници, на државно земјиште, без одобрение за градба, без комуналии, бившата градоначалничка однесе едно комбе документи и нема никаков епилог од тоа, а за Карпош се случува ова.“
Минатата година, во април, Кривичниот суд му досуди на Стевчо Јакимовски казна затвор од три ипол години во врска со градењето на административната зграда на општината. Тој беше осуден за две дела бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.
Апелација ја уважи жалбата на Јакимовски во делот за злоупотреба на службената положба и овластување, поради што предметот во тој сегмент се враќа на повторно судење.

