Стефановиќ: Северна Македонија ќе го прекрши меѓународното право ако не го испорача Морина на Србија

Србија не верува дека постои опција Македонија да не го екстрадира поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Томор Морина, кој се наоѓа во притворот во Шутка. Потпретседателот на српската влада и министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ вели дека премиерот Заев се обврзал дека ќе го почитува меѓународното право, а под тоа вели се подразбира, само „екстрадиција на Морина во Србија, и ништо друго“.  

„Не верувам дека може да се случи Морина да не биде екстрадиран. Тоа ќе значи непочитување на меѓународното право. Ме загрижува и како некои представници на приштинските власти однапред тврдат дека тоа нема да се случи. Тоа би значело дека биле во дослух со некои од правосудните органи на Северна Македонија и не можам да замислам дека Северна Македонија себе си би си го дозволила тоа. Не верувам во тоа.“ - изјави Небојша Стефановиќ – српски министер за внатрешни работи.

За Косово пак, не постои шанса Морина да биде екстрадиран во Србија, која го сомничи за воени злосторства. Јетлир Зиберај, советникот на шефот на косовската дипломатија, на својот Фејсбук профил напиша дека косовските власти имаат соработка со дипломатски и институционални канали со Македонија и дека се прават напори, што поскоро тој да се врати кај своето семејство.

Ослободување на Морина побараа и дел од албанските партии во земјава, како и вицепремиерот Бујар Османи, кој рече дека барањето на Србија за екстрадиција е безпредметно, бидејќи тој бил косовски државјанин. Неговото државјанство го потенцираше и премиерот Зоран Заев, но вели остава случајот да го решат институциите, до кои веќе стасаа и официјалните барања за екстрадиција од Србија.

А дали додека трае постапката за екстрадиција, Морина ќе остане во притвор или ќе се брани од слобода како што бара неговиот адвокат, треба да одлучи Кривичниот суд, кој се уште чека мислење од обвинителството.