Ставот на Бугарија за Македонија останува непроменет

Кирил Петков ќе го замени бугарскиот претседател Румен Радев како претставник на Бугарија на овогодишниот последен Европски совет в четврток во Брисел, јавуваат бугарските медиуми.

Петков во Брисел би дебитирал во Европскиот совет со новиот германски канцелар Олаф Шолц, а ставот на Бугарија за Северна Македонија останува непроменет. При преставувањето на приоритетите на новата влада, новиот бугарски премиер ја спомна и Македонија. 

- Треба да бидеме конструктивен партнер во ЕУ и НАТО. Да се бориме за превласт на правото и тој да биде поврзан со европските фондови. Силата на дипломатијата и мирното решавање треба да бидат бугарски приоритет. Огромен ангажман треба да биде добрососедството со Република Северна Македонија. - изјави Кирил Петков, Претседател на владата во Бугарија.

А пред почетокот на утрешниот министерски состанок во Брисел, МИА јавува дека во ЕУ сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, а спорот меѓу Македонија и Бугарија е една од главните пречки, но не е единствена.  Доколку нема заклучоци ова би било втора година по ред како ЕУ не може да постигне согласност за оваа политика. Меѓутоа овој пат поголема е веројатност словенечкото претседателство да настапи со имиња на земјите кои ги поддржуваат, наместо како што беше лани воопшто да нема никакви заклучоци. Софија на состанокот минатата недела инсистирала дека Северна Македонија „не ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите", став кој не добил поддршка од другите 26 земји членки, ниту од Европската Комисија.

„Опцијата за одвојување на Албанија од Северна Македонија доби малку, односно никаква поддршка", вели висок дипломат на ЕУ.