Став на експертите: Што ќе донесе за Македонија новата методологија на ЕУ?
Новата методологија го придвижи тркалото напред кон ЕУ, но донесе и многу нејаснотии. Ќе се забрза ли процесот на преговори или новите тематски блокови допрва ќе го отежнат патот кон членство ? Спремни ли се македонските институции за новите услови на Брисел ?
Додека се чека Европските институции да образложат голем дел од отворените прашања, македонските експерти предупредуваат дека земјата во иднина треба да очекува далеку посложен процес со многу услови и ригорозност.
„Реверзибилноста – она што претходно како во случајот со Србија и Црна Гора можеше да ја покрене или Комисијата или една третина од земјите-членки , сега тоа е направено на барање на Комисија или на барање на само една земја-членка. Македонија како земја со решени билатерални спорови, но со големи предизвици во имплементација на истите, може многу често да биде искористена за блокада на самиот процес.“ - Зоран Нечев Институт за демократија.
Комисијата не објасни ниту колку тематски блокови ќе може да се отвораат во исто време иако е јасно дека потребен е висок капацитет на македонските институции за да се води овој начин на преговори.
„Самата вклученост на земјите-членки во следењето и оценувањето на процесот тоа што тие го бараат, е тоа е клучниот елемент којшто не е доразработен. Кој ги поставува условите? Како ги поставува условите? Како ја проценува исполнетоста, особено тоа што тука се работи не само за работи кои се однесуваат на егзекутивата туку се работи за правосудство, за јавна администрација за работи каде што некаде има некои меѓународни стандарди но некаде навистина постојат многу малку меѓународни стандарди и практитки и тука е многу голем ризик ако е вклучена само извршната власт.“ - Малинка Ристевска Јорданова Институт за европска политика.
Од друга страна новата методологија предвидува и скрининг од страна на Европската Комисија на секое отворање на нов кластер од преговорите, иако не пишува дали тоа ќе биде објаснувачки или билатерален. Македонија веќе заврши еден дел од објаснувачкиот скрининг и потроши една година и голем дел финансиски средства за консултации и испраќање луѓе низ европските институции во Брисел.
Веќе е јасно дека Комисијата го задоволува францускиот нон пејпер, иако некои делови воопшто не се спомнати , како што се структурните фондови кои стоеја во предлогот од Париз но не и во овој на Брисел. Дополнително санкциите кои може применат не се само за блокада на преговорите туку и за замрзнување на постоечките ИПА фондови.