Стартуваше судењето за тројца полицајци поврзани со трагедијата во Кочани

Стартуваше судењето за тројцата полициски службеници од Кочани, а поврзани со објектот „Пулс“. Според ОЈОГОКК обвинетите како службени лица при изготвувањето записници од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година не постапиле во целост по анекс плановите за акциска контрола од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при изготвување записници за извршена контрола.

Во записниците биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, биле внесени неточни податоци за правното лице „Пулс“, овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. 

Според обвинителката Ивана Алексова Трајчева, третообвинетиот полицаец, при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година не ја проверил целокупната документација, иако бил должен тоа да го стори, односно преку тековната состојба од Централниот регистар би имал увид дали тоа правно лице било активно или неактивно и дали било тоа одговорно лице кое било наведено во записниците. Барањата биле изготвени против неактивното правно лице ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и физичко лице посочено како одговорно во „Пулс“. 

Ивана Алексова Трајчева-обвинителка

„Во тој анекс план точно пишува што треба да земат полициските службеници од одговорното лице во правното лице каде е констатиран прекршокот и врз основа на правилната документација да ги наведат сите податоци во записниците за констатирани прекршоци. Во конктретниот случај таково нешто, односно таква материјална документација не е побарано, туку како им било кажано така си запишале, при што се запишани и правно лице кое во моментот било неактивно и одговорно лице кое не било активно на клубот „Пулс“, односно тоа што е подружница на правното лице кое стои во позадина.“

Со дејствијата тројцата обвинети прибавиле имотна корист за ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице. Обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за тоа што им се става на товар.

Судскиот процес го води судијката Лидија Петровска. Судењето продолжува на 18 март со испитување сведоци предложени од Обвинителството.