Стартува забраната за пластични кеси, од денеска достапни само биоразградливи за 15 денари

Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси. За граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари, средства што ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓаните лесно ќе се адаптираат на промената, што е од големо значење за животната средина.

– На долг рок оваа одлука ќе придонесе кон решавање на низа прашања во однос на животната средина, од причина што собраните средства ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично, наведоа за МИА од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во однос на тоа каков фидбек очекуваат од граѓаните, од МЖСПП нагласија дека очекуваат промената да биде лесно прифатена.

– Да, очекуваме дека ќе биде прифатено. Се уште е живо колективното сеќавање кога пазеревме со торби на пазар. Сега има многу стимулативни алатки како што се вендинг машините и слично. Нашите сознанија се дека и луѓето се свесни дека тоа не е голем напор, само е добра навика, нагласија од МЖСПП.

Околу забраната за достапност на пластични кеси, Давор Пехчевски, проект-координатор во Еко-свест изјави дека како организација ја поддржуваат одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси.

– Очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, ова би требало да повлече и понатамошен развој на циркуларната економија и да стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде инфраструктура за тоа. Сепак, ова е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување, па очекуваме во блиска иднина да се пристапи и кон регулирање на другите производи од пластика за еднократна употреба, како цевки, чаши или прибор за јадење, нагласи Пехчевски.

Имено, како што соопштија од МЖСПП од денеска, 1 декември, стапува на сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.