Стартува повратот на ДДВ за граѓаните
Foto

Стартува повратот на ДДВ за граѓаните

Повратот на ДДВ ќе се прави преку скенирање на баркодовите на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да важи за сторнирани фискални сметки и ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска. На ранливите категории и постарите лица кои не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и баркод читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили. За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок.

Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември. Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство.

-Владата го изгласа законот за враќање на 15 проценти од платениот ДДВ за граѓаните со што почнува реализацијата на еден од најважните проекти од изборната програма и Програмата за работа на Владата. Мерката ќе почне да се реализира од 1 јули со што едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметката до 28.800 денари годишно во семејниот буџет. Можноста за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани кои имаат наполнето 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа да ги скенираат на својот мобилен телефон, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека преку проектот „Мој данок, моја заштеда“ граѓаните заедно со финансиските институции ќе остварат две главни цели од кои првата е да се вратат пари кај граѓаните, а втората да учествуваат во намалување на сивата економија и во елиминација  на даночното затајување на ДДВ. На тој начин годишно, како што рече, на граѓаните ќе им се вратат над 50 милиони евра од поврат на ДДВ.

-Ова е мерка насочена кон граѓаните и  првпат во нашата земја државата враќа  дел од ДДВ директно на сметките на граѓаните. Досега поврат на ДДВ остваруваа само компаниите, а сега таа придобивка ја остваруваме за сите граѓани. Заради правичност за да не се случи повратот да оди кај богатите поставени се лимити и нема да има можност за поврат на ДДВ-то од сметка над 30.000 денари, рече Заев и додаде дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за два отсто од најбогатите ќе има лимит.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека данокот е она што граѓаните го вложуваат во државата и тој се враќа преку јавното образование, здравство, инфраструктурата, градинките, парковите центрите за социјална заштита.

-Сега првпат од вашиот платен ДДВ, 15 проценти ќе ви биде вртен на сметката како заштеда. Го завршивме законскиот дел и направивме систем со кој ќе се врши поврат, им порача Тевдовски на граѓаните.

 

0 Коментари

Остави коментари