Стартува најавениот процес за прочистување во правосудството

Судиите и обвинителите на тест, од денеска во наредните шест месеци нивната работа ќе биде детално анализирана. Стартува процесот на филтрирање.

Непрофесионалните кои ќе паднат на „испитот“, ќе се збогуваат со судиските или обвинителските кариери. На секој обвинител ќе му бидат анализирани шест предмети, најави шефот на ЈОРСМ, Љубомир Јовески. 

Колку судиите квалитетно судат, дали ги земаат предвид правата на обвинетите, роковите во кои се водел процесот и како се донела пресудата ќе одлучува Комисија во судскиот систем.

Досегашните дисциплински постапки против обвинители се водеа бавно и повеќе години, а на крај е одлучувано со поблага мерка. Минатата година е утврдено нестручно работење само кај една обвинителка, Елизабета Соколова.

Откако и било укажано дека е фатена со предмети во фиока и случаи за кои има голем број пријави од граѓани, сама си дала отказ. Судскиот совет разреши осуммина судии последната година и половина. По новата методологија е разрешена судијката Весна Кичец од Охрид, поради разлекување на случајот убиство на Матилоски.

Паралелно додека се разгледува што сработеле судиите и обвинителите, ќе се анализира и нивниот имот во Антикорупциската комисија, каде што проверките одат бавно поради ограничените ресурси и простор за работа.