Стартува целосна примена на системот за влез и излез во ЕУ
Без печат во пасош, скенирање на патна исправа, дигитална фотографија и отисоци од прсти - од денеска целосно почнува со работа новиот дигитаелен граничен систем на Европската унија, Систем за влез/излез.
Системот за влез/излез ќе следи кога граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ влегуваат и излегуваат од Шенген зоната. Целта на овој систем е зголемување на безбедноста и на контролата на надворешните граници на Унијата. Исто така преку овој систем ќе дојде до полесно откривање на патниците кои го пречекориле дозволениот престој, односно престојувале повеќе од 90 дена во период од 180 дена.
Според информациите достапни на официјалната странца на системот за влез/излез, патниците доколку еднаш се регистрирале, вториот пат кога ќе патуваат во земја членка на ЕУ нема да треба повторно да го поминуваат процесот. Нивните податоци ќе бидат само проверени од страна на полициски службеник на пасошка контрола.
- Ако патувате прв пат од воведувањето на Системот за влез/излез во некоја од ЕУ земјите. Службениците на пасошка контрола ќе ве фотографираати ќе ги скенираат вашите отпечатоци од прсти. Овие информации ќе бидат зачувани во дигитално досие. Ако веќе сте патувале во некоја од ЕУ земјите и веќе сте се регистрирале вашата фотографија и отисоци веќе ќе бидат зачувани во системот. Службениците на пасошка контрола само ќе ги проверат вашите податоци, отпечатоци и фотографијата. Тоа ќе одземе помалку време за разлика од процесот на регистрацијата. Во ретки случаи, може да биде потребно повторно скенирање и фотографирање.
Од Министерството за внатрешни работи, информираа дека преземени се сите потребни мерки и активности и ставени се во функција сите расположливи ресурси.
Гоце Андреевски, портпарол на МВР
- Воедно Ве известуваме дека од страна на МВР се преземени сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел обезбедување брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини.
Официјалните статистики за системот кој почна постепено да се воведува од октомври 2025 година, покажуваат дека биле забележани над 24 000 патници кои биле одбиени на границите поради фалсификувани документи, повеќе од 4000 патници го пречекориле престојот.
Шест месеци по воведувањето на системот за влез/излез ќе почне да се применува и Европскиот систем за информации и одобрение за патување. Тоа одобрение ќе се издава пред патниците да влезат во земјите членки на Шенген зоната за престој до 90 дена. Патниците ќе треба да пополнат формулар и да платат такса од 20 евра. Откако ќе биде издадено одобрение, истото ќе има важност од три години.

