Стартува 62-то „Oхридско лето“
Со настап на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет вечерва ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Овогодинешната програма носи 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери, 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани од дополнителната програма.
Покрај отворањето со италијанските тенори, од музичкиот дел, настапите на камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање, врвниот светски виолинист Стефан Миленковиќ, виолинистот Шломо Мин ќе бидат едни од најатрактивните настани оваа година.
Богатата театарска програма пак ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродукциската „Балкан Бордело“, Белградските „Војна и мир“ и Вујко Вања“ како и шест исклучителни домашни претстави. За најмладата публика ќе настапи колективот 5+ Фамилија со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.