Стартна победа на шампионот МЗТ Скопје Аеродром

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш беа подобри од МКК Куманово, сега на домашен терен во суперлигашката премиера. Првакот го совлада МКК Куманово со 85:77.

Во Спортскиот центар „Јане Сандански“, бранителот на титулата одигра одлична втора четвртина, во која направи убедлива предност. По одморот, кумановските „сино-бели“ заиграа многу подобро, особено во одбраната. Гостите во третата четвртина постигнаа 20, а примија само 11 поени, со што негативата ја намалија на 58:63. Избраниците на Марин Докузовски продолжија со притисокот и на почетокот на последниот период успеаја да се доближат на само три поени – 62:65.

МЗТ Скопје Аеродром, сепак, брзо одговори и по тројката на Дамјан Стојановски повторно се одвои на 68:62. Што беше најава на победата.

Најефикасен на дуелот беше Адем Мекиќ со 24 поени, додека кај победникот пет играчи постигнаа двоцифрен број поени.