Станови изградени пред 2000 година запишани со помала квадратура, да се направи премер за да се избегнат спорови

Голем број станови и објекти, особено оние изградени пред 2000 година, имаат несогласувања меѓу реалната и катастарски евидентираната површина, а некои од недвижностите и натаму немаат уредени сопственички права - посочи денеска претседателот на Комората на друштвата за геодетски работи, Никола Рибарски, на промоцијата на општествено-економската кампања „Провери, потврди, поседувај - твојот имот, твоја сигурност“. 

Рибарски на прес-конференција посочи дека кампањата е насочена кон постојните и идните сопственици на недвижен имот, со цел да се укаже на потребата од правилно користење, управување и купопродажба на имотот.

Една од главните препораки е, рече Рибарски, при купопродажба на недвижен имот да се изврши геодетски премер од лиценцирана геодетска компанија, со цел да се утврдат точната површина, границите и состојбата на имотот во Катастарот на недвижностите.

Според него, голем број граѓани по купување имот, се соочуваат со проблеми поврзани со меѓите, границите и површината на недвижноста, што често резултира со судски постапки, финансиски трошоци и застој на инвестиции.

- Кампањата е со наслов: „Провери, потврди, поседувај - твојот имот, твоја сигурност“. Токму зад овие три пораки се кријат детектираните, таргетирани проблеми, чие решавање е од интерес на секој граѓанин, на стопанството во целина и на државата, односно на сите сопственици на недвижен имот... Потребно е ажурирање на податоците, а вакви случаи има во повеќе населби во Скопје, како Капиштец, Аеродром, Чаир, Карпош, но и во други градови во државата - вели Рибарски.

Ваквите разлики тој појасни дека произлегуваат од методологијата што се применувала при воспоставувањето на катастарската евиденција кога некои од недвижностите биле запишувани со речиси 75 проценти од нивната бруто-површина, без целосно евидентирање на терасите, лоѓиите и другите делови.

Во рамките на кампањата беше посочено и дека постојат недвижности што сè уште немаат запишани сопственички права во Катастарот иако се користат, како и дека сопствениците на станови треба да имаат уредени права врз заедничките делови на зградата, земјиштето под објектот и дворното место.

Рибарски апелира граѓаните внимателно да пристапуваат кон склучување договори за купопродажба и да проверуваат дали имотот има чист имотноправен статус, без ограничувања, забрани или товари.

- Се повикуваат сите сопственици на недвижен имот, без разлика дали се физички лица, правни субјекти или институции, да извршат увид во својата документација и, доколку е потребно, да се обратат до лиценцирани геодетски компании за решавање на евентуалните проблеми - рече Рибарски посочувајќи дека трошоците за геодетски услуги се минимални во споредба со вредноста на инвестицијата во недвижен имот и може да спречат сериозни правни и имотни спорови.

Во одговор на новинарско прашање за злоупотребите и судските постапки поврзани со недвижностите, Рибарски посочи дека најчестите проблеми настануваат по купопродажбата, кога сопствениците се соочуваат со спорови за меѓите и границите на парцелите.

- Често сопствениците по купувањето на имотот се соочуваат со проблеми со соседите, особено за границите на парцелите, што доведува до судски постапки и дополнителни трошоци. Токму затоа целта на кампањата е навремена проверка и усогласување на податоците за да се спречат идни злоупотреби и имотноправни спорови - рече Рибарски.