„Стандард енд пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, очекувања за враќање кон економскиот раст
Foto

„Стандард енд пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, очекувања за враќање кон економскиот раст

Кредитната агенција „Стандард енд пурс“ (Standard & Poor’s) го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед. Нивните очекувања се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата.

Исто така, како што соопшти Министерството за финансии, ги посочуваат владините напори во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како новиот Закон за буџети кој предвидува крупни реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.

Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од ковид-кризата се од исклучително значење, бидејќи тоа е позитивен сигнал за инвеститорите за состојбите и јасен показател за нивната доверба во политиките кои се водат во земјава.

Од кредитната агенција посочуваат дека по остриот пад во второто тримесечје од 2020 година, економијата до крајот на минатата постепено заздравуваше. Нотираат дека индустриското производство во декември минатата година оствари позитивен резултат за првпат од почетокот на кризата во февруари 2020 година.

Во 2021 година како двигатели на растот ги наведуваат опоравувањето на извозната активност, јавната потрошувачка и приватната потрошувачка, а нивните очекувања се дека годинава растот ќе изнесува 3,6 отсто.

„Стандард енд пурс“ посочува дека Република Северна Македонија е интегрирана во глобалните синџири на добавување, особено во автомобилската индустрија. Опоравувањето на автомобилската индустрија, како и на економиите на нашите најголеми трговски партнери како Германија, ќе придонесат за опоравувањето и на нашата економија.

0 Коментари

Остави коментари