ССМ во Прилеп во поддршка на ранетата социјалната работничка

Имаме докази дека Министерството за социјална политика вршеше притисок врз вработените од Центрите за социјална работа да не излезат на собирот за поддршка на нашата ранета колешка од Прилеп, вели првиот човек на Синдикатот на работниците од управата Трпе Дејановски, откако вчера Министерството строго негираше дека од Кабинетот на министерот Фатмир Лимани, произлегле закани кон социјалните работници. 

 

Секоја чест за ваквиот одговор. Ние имаме докази, пораки и јавувања уште од вторникот вечерта, кои ги добиваа вработените. Во однос на тврдењата на Министерството дека тендерот за физичко обезбедување на  Центрите за социјална работа е веќе во завршна фаза, скептични сме, бидејќи ние тоа го бараме веќе шест години. - вели Дејановски.

Денеска УПОЗ повторно во посета на Центарот за социјални работи во Прилеп каде 37 годишна социјална работничка беше застрелана од избеган пациент од Демирхисарската психијатриска болница. Директорот на Центарот вели дека голем број од вработените земале боледување после преживеаниот стрес од нападот со оружје на нивната колешка. 

- Иако Прилепскиот центар за социјална работа функционира нормално и сите исплати ќе бидат навреме, ние работиме со капацитет од помалку од 40% вработени во Центарот. Земаа боледување како директна последица од преживеаниот стрес и шок по немилиот настан. Ранетата колешка е во болница и е во добра општа состојба, но после закрепнувањето ќе треба да се работи на траумата која ја доживеа. - Зоран Малкоски Центар за социјална работа Прилеп.

Се уште се утврдува каде е пропустот кој дозволи пациентот со криминално досие да избега од Психијатриската болница Демир Хисар додека тој бил спроведуван до судот во Прилеп и како тој дошол до пиштолот со кој ги нападнал вработените. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади уверуваат дека наскоро ќе се реализира тендерот со кој ќе биде овозможено физичко обезбедување на Центрите за социјална работа.