ССМ: Синдикална минимална кошница за мај 60. 090 денари

Безмалку илјада евра му требаат на едно четиричлено семејство само за основните трошоци, за да го помине месецот, покажаа пресметките за месец мај. Сојузот на синдикати на Македонија, кој редовно ја пресметува вредноста на минималната синдикална кошничка, за овој месец објави дека таа изнесува 60 090 денари.

Сепак, трошоците бележат мало опаѓање во однос на минатиот месец, кога беа повисоки за 122 денари. 

Најмногу пари се трошат за храна и пијалoци. Дури 21.689 денари или повеќе од една третина од вкупиот буџет се потребни за едно четиричлено семејство да се нахрани. Облеката и обувките ќе го чинат дополнителни 4.928 денари, што се нешто над 8 проценти од буџетот. Не се за занемарување и режиските трошоци, кои се пресметани на 6.014 денари или 10% од вкупниот буџет. Трошоците драстично ќе се зголемат, ако едно четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадрати и за него дополнително ќе плаќа уште околу 250 евра кирија. Ако не ова се додадат и рати за земен кредит, тогаш за да преживее, на едно семејство месечно му требаат и до 1500 евра.

За четири години, потрошувачката кошничка која ја пресметува ССМ е зголемена речиси двојно. Во мај 2020 година, на едно четиричлено семејство за основните трошоци му требале 33.315 денари. Но, тогаш минималната плата била 14.500 денари, а денес таа изнесува 22.500 денари.

Инфлаторниот бран кој ја зафати земјава претходните две години, предизвикан од ковид, но и енергетската криза, значително ги крена цените на основните производи. Последните податоци покажуваат дека инфлацијата годинава ќе забави на 3,5 проценти, што е значаен пад по ланските 9,4 отсто.