ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра
Безобразно и несериозно е луѓе со плати од по три-четири илјади евра плата да кажуваат дека работникот не заслужува 500 евра, вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски по ставот на првиот човек во економија Бесар Дурмиши дека зголемување на платите ќе донесе и откази.
Пешевски вели дека нема избркан работник поради покачена плата туку дека има работници кои што секојдневно плаќаат повисоки цени наспроти платите коишто ги земат.
Иван Пешевски – потпретседател на ССМ.
„И навистина, не само што е несериозно, не само што е нефер, би кажал безобразно е да одлучуваат луѓе со две, три, четири илјади плата дека се живее во Македонија со 400 евра плата и дека со 500 евра плата ќе букне инфлацијата. Инфлацијата може да се повикаме дека букна од нивните плати 78 посто на функционери и избрани и именувани и на сите оние што јадат леб од буџетот а одлучуваат за овие во приватен сектор што деноноќно работат за да дојдат едвај до 500-600 евра плата со сите додатоци и надоместоци и прекувремена работа, пранизици и т.н.“ - вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.
Синдикалците луту, велат нема да чекаат милостина од 1.600 денари во март, туку се подготвуваат протести и штрајкови.
Иван Пешевски – потпретседател на ССМ.
„Ако вчера изјави министерот за економија и труд дека ќе се почека месец март за да се зголеми минималната плата 2.000 денари потсетуваме дека согласно нашите математики тоа покачување нема да биде повеќе од 1.600 денари по нето вработен и срамота е да чекаме месец март за да ги покачиме платите 1.600 денари. Како работници нема да чекаме до другиот март без протести и штрајкови за да една милостина од 1.600 денари ги задоволи кошничките и потребите на работниците. Преземаме активности за да излеземе на улица и да го изразиме незадоволството меѓутоа тоа може да бидат не само протести туку и штрајкови на ниво на цела територија како што имавме цела година со минатата влада.“-вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.
Дали ќе има интервентно зголемување на минималната плата надвор од законот, е предмет на дијалог меѓу синдикатите и работодавачите вели премиерот Христијан Мицкоски.
И додека се чека на средба на економско социјалниот совет Синдикалците направија анкета која покажува дека итно е потребна повисока минимална плата. На репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра. Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава.
Минималецот за минималците ќе почека за минимално покачување следната година кое ниту одблизу нема да стигне 500 евра. До тогаш, наздравје геврек и јогурт за што поголема продуктивност, за останатите 78% повисока плата.

