ССМ најави масовен протест на 14 ти март, владата најавува драконски казни за “набилдани“ цени

Незадоволството од ниските плати секојдневно расте, а ќе „експлодира“ на улиците во средината на март.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за 24 велат дека не се откажуваат од борбата за минимална плата од 600 евра и покачување на платите во услови кога цените постојано растат, а народот едвај врзува крај со крај. Тие најавија масовен протест на 14-ти март во Скопје.

 

А платите и трошоците за живот во фокус и на денешната собраниска седница. Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, посочи дека и покрај донесениот закон, цените на храната бележат двоцифрен раст, а на терен се забележуваат сериозни отстапувања и драстични разлики во цените на идентични производи. Ковачевски побара конкретни мерки од ресорното министерство. 

 

И додека товарот од зголемените цени го плаќаат граѓаните, останува само најавата на министерот за економија за драстично зголемување на казните за оние трговци што не го почитуваат Законот.

 

Откако во понеделникот на состанокот на Економско-социјалниот совет синдикалистите ја напуштија седницата, Владата и работодавачите сами донесоа усогласување на минималецот за околу 1.600 ден, денеска министерот за економија повтори дека владината просечна потрошувачка кошничка е за 13 проценти поевтина од онаа на ССМ и, како што рече, ги отсликува реалните минимални месечни трошоци на едно семејство.