ССМ: Да не се чепка во „недела неработен ден“
Откако претседателот на Стопанската комора Бранко Азески најави дека би сакал да има средба со синдикатите на која ќе ги соочат аргументите за недела неработен ден, денеска изјави дека треба да се разговара и дека во јавност треба да се излегува откако ќе се постигне некаков договор.
„Значи, верувам дека ќе имам добра соработка со Сојузот на синдикатите и со сите синдикални организации. И сакам да повторам за тие што не знаат дека стопанските комори се претставници на фирмата, таа ги претставува фирмите, а во фирмите има и работодавачи, има и работници. Ние никогаш ниту сме биле спротивставени со работниците, ниту ќе бидеме затоа што без нив ние не можеме да функционираме, а посебно има Организација на работодавачите, посебно Синдикат за фирмите, но ние ги застапуваме фирмите во коишто се содржани тие две, така што на Македонија и треба дијалог. Ние сме за дијалог ноќе и дење и ќе бидеме спремни за таква работа.“ - вели Бранко Азески претседател на Стопанската комора.
Сојузот на синдикати на Македонија најостро се спротиставува на барањето на Стопанската комора да се разгледува Законот за недела неработен ден. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсети дека ССМ по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.
„Денес, работниците во Македонија се соочени со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати, како и барањата на газдите од Стопанската комора за кратење на работничките права, а особено кратење на неработните денови. Нагласуваме дека недела неработен ден врати малку од работничкото достоинство, а на претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни денови.“ - велат од ССМ.
Стопанската комора покрена и иницијатива до Уставниот суд за овој закон, по што уставните судии решија недела да остане неработен ден за работниците. Законот за недела неработен ден стапи на сила на 1 јануари 2022 година.