ССМ бара итна средба со владата, во ребалансот на буџетот нема зголемување на платите

Од Сојузот на синдикатите на Македонија соопштија дека бараат итна средба со владата, бидејќи ребалансот на буџетот не го испорачува договореното.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската, енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати“, се наведува во реакцијата на ССМ.