Српскиот премиер Вучевиќ во официјална посета: Во фокусот инфраструктурните проекти долж Коридорот 10
За поголема енергетска независност Скопје и Белград најавија гасно поврзување.
Премиерот Мицковски по денешната средба со српскиот колега Вучевиќ најави дека Србија и источна Европа ќе добијат уште еден крак за снабдување со гас со изградбата на интерконекторот меѓу Грција и Македонија.
Двајцата премиери потпишаа Меморандум за соработка во областа на енергетиката со надеж дека енергетското поврзување ќе се случи во 2027 година. Капацитетот на интерконекторот е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас.
„Ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, а со тоа ќе обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Во фаза сме да го пуштиме во употреба и продуктоводот, во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“, рече Мицковски
Сакаме да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот, дополни Мицковски потенцирајќи ја изградбата на брзата пруга како дел од Коридорот 10 која што претставува стратешки приоритет како и коридорот 8
Се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од до 250 километри на час, нагласи премиерот.
Додека Македонија размислува за поиделната опција на српската страна се работи на пругата од Белград до Ниш, а градежните активности како дел од коридорот 10 ќе продолжат до Врање, најави српскиот премиер.
„За нас е важна одлуката на македонската Влада за Коридорот 10, како стратешки правец за железничкиот транспорт, што е единствена прилика заедно со европските партнери да се поврземе од Виена до Атина, полесно ќе се поврземе со грчките пристаништа. Ова е природен пат меѓу Азија до Европа, а патот ќе оди преку Македонија и Србија, што ќе обезбеди подобар карго и патнички транспорт “ рече српскиот премиер Вучевиќ.
Вучевиќ беше пречекан со највисоки државни и воени почести пред Владата. Но ниту еден владин претставник од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ ,ВРЕДИ не беше присутен на пречекот на српскиот премиер.
Зошто решиле да го бојкотираат Вучевиќ, засега од ВРЕДИ без официјален став.