Српскиот парламент расправа за Косово

Во тензична атмосфера, косовското прашање на дневен ред пред српските пратеници. Една од точките на седницата е извештај на српската влада за преговорите во периодот од 1 септември 2022 до 15 јануари 2023 година, но голем дел од дискусијата е фокусирана на француско-германскиот предлог за уредување на односите Белград - Приштина, поддржан и од ЕУ и од САД.

Претседателот Александар Вучиќ, презентираше план од десет точки за политиката на Србија во наредниот период. Зборуваше и за француско-германската иницијатива, а како особено тешка ја посочи точката 4, вториот став во кој се вели дека „Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“. 

Александар Вучиќ – претседател на Србија - „Нема да ви кажам за некои поубави работи од планот, ќе зборувам за најтешкото и најлошото за Србија, затоа што сакам да бидам одговорен и искрен кон граѓаните на Србија, народот на Србија да знае дека ниту нивниот претседател, ниту нивната влада, ниту нивниот парламент немаат што да скријат од нив“. 

Пратениците од опозицијата испратија порака, напишана на транспарент не за капитулација. Шефот на пратеничката група „Зелено-леви“, Радомир Лазовиќ, побара од претседателот на Собранието да ја прекине седницата и да се поднесе текстот на француско-германскиот предлог и седницата да продолжи утре, откако пратениците ќе го разгледаат предлогот. 

Радомир Лазовиќ – пратеничка група „Зелено леви“ - „Зошто го криевте предлогот, зошто ниту еден од пратениците го нема, ниту пак го виде“. 

Лидерот на опозициското Движење „Двери“ Бошко Обрадовиќ го нарече француско-германскиот план „западен ултиматум“. 

Бошко Обрадовиќ, ДВЕРИ - „Доколку Србија го прифати планот, тоа би било капитулација на државата. Суштината на француско-германскиот план е Србија да го признае независно Косово, преку точката што се бара од Белград, да не се противи на членството на Косово во меѓународните институции“. 

Пред седницата на српското Собрание, косовскиот премиер Албин Курти, повтори дека формирањето на Заедницата на српските општини не е можно бидејќи, како што рече, тоа е спротивно на косовскиот устав.