Средношколците сѐ повеќе незадоволни, ученичките стипендии доцнат, материјалите за државна матура се обемни
Средношколците сѐ повеќе незадоволни. Денеска дел од нив протестираа пред Министерството за образование и наука, барајќи да им се намали материјалот кој треба да го совладаат за полагање на државната матура.
Пандемијата, дојавите за бомби, штарјкот на професорите како и штрајкот од страна на ЈСП допринеле за губење на наставата на средношколците. Доколку не им се исполни барањето најавуваат дека и наредните денови ќе протестираат и нема да посетуваат настава.
Од министерството за образование и наука велат дека материјалот за полагање државна матура во учебната 2022/2023 веќе е прилагоден, односно намален е поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата со ковид, како и поради заканувачките дојави во училиштата.
- Материјалот за полагање државна матура ги содржи исклучиво најважните информации и податоци кои учениците ги совладале во сите четири години од средното образование и учениците се запознаени со тоа. Начинот на полагање е уреден во постојната важечка Концепција за полагање државна матура, како и во календарот за организација на работата на јавните средни училишта во државата. - велат од МОН.
Незадоволни се и средношколците од приватните училишта и учениците со попреченост. Претставниците од Сојузот на средношколци денеска поднесоа предлог-закон до Собранието за бесплатен јавен превоз за сите средношколци-доколку пратениците не го излгасаат во рок од најмногу два месеци, најавија дека ќе биде поднесена иницијатива до Уставниот суд. Средношколците велат дека бесплатен јавен превоз треба да има за сите ученици и да се стави крај на дискриминацијата врз основа на растојанието од домот како и на типот на училиште. Според сегашниот закон, и дел од средношколците кои одат на пракса да работат како дел од дуалното образование, тие својот превоз го плаќаат.
Во текот на минатата година претставниците од сојузот оствариле средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, вицепремиерката Славица Грковска, како и со претставници на Клубот на млади пратеници. Во 2022 беше обезбеден бесплатен превоз за време на летниот распуст за учениците од државните средни училишта –мерка која важеше само минатата година.