Средношколците на протест, бараат комбинирана настава, имаа средба со Царовска
Ученици и родители излегоа на протест против целосна онлајн настава во училиштата од први октомври. Бараат образовниот процес да се одвива комбинирано - и пред компјутер, но и со физичко присуство во училиштата.
Сметаат дека со почитување на мерките за заштита од корона вирусот нема опасност по здравјето на учениците. Дополнително велат дека онлајн наставата минатата учебна година се покажала како неефикасна и тешко спроведлива.
Протестот започна од пред Министерството за образование и наука а заврши пред Владата од каде што претседателот на Сојузот на средношколци кој што е и организатор на протестите порача дека доколку учениците не добијат можност за комбинирано учење, ќе ја бојкотираат наставата од октомври.
„За нив не е проблем што трговските центри се преполни, за нив не е воопшто проблем што за време на кампањите, плоштадите беа преполни. Наместо оправдување, Владата требаше да работи на создавање на план за подготовка за справување со ситуацијата и повторно отворање на училиштата.“ - вели Бленди Ходаи – Претседател на Сојуз на средношколци.
Созјузот на средношколци доби поддршка и од детската амбасада Меѓаши од каде што порачаа дека ги поддржуваат во напорите да бидат слушнати и вклучени во донесувањето на одлуки за спроведувањето на наставата и ги потсетија институциите дека треба да го слушнат и гласот на младите.
Пред самиот старт на протестите дел од средношколците беа повикани на средба со новата министерка за образование, Мила Царовска, на која што како што соопштија од МОН им било кажано дека практично и самата Влада нуди комбиниран модел на настава.
„Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година и секаде кадешто се исполнети условите од протоколите коишто веќе се усвоени, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата. За таа цел е формирана Комисија од Владата којашто ќе утврдува дали се исполнети условите во училиштата.“ - велат од Министерството за образование и наука.
Во училиштата каде што нема услови за спроведување на сите здравствени протоколи пак, учебната година ќе стартува онлајн, за што МОН тврди дека забрзано се работи на подготовка на единствена национална онлајн платформа.
Во овие училишта, настава со физичко присуство ќе посетуваат само децата од прво до трето одделение, но и за нив е дадено правото на избор, за што родителите ќе треба да се изјаснат со писмена изјава.