Средба Заев - Гаши - како ќе се подели владиниот колач?
Нема трета среќа ниту за СДСМ ниту за Алтернатива откако вечерва не беше официјализирано влегувањето во Владата на партијата на Африм Гаши. А по средбата која траеше речи си четири часа и двајцата лидери кусо коментираа дека е постигнат евидентен напредок.
А од владината прес служба информираа дека иако е констатиран напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, сепак консултациите во партиите за можнa заедничка Влада, продолжуваат.
„Разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните. Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување за можна заедничка Влада која ќе се посвети на предизвиците од пандемијата и глобалната енергетска криза.“ - велат од Прес служба на Владата на РСМ.
Како и претходно, и вечерва, Заев и Гаши беа придружувани од Димитар Ковачевски кој се споменува како иден лидер на СДСМ и нов премиер и од Беким Сали за кој Алтернатива бара да биде именуван за нов министер за здравство.
Инаку оваа партија до сега ниту ги потврди ниту ги демантираше неофицијалните информации дека за да влезе во Владата бара две министерски, три заменички-министерски и едно вицепремиерско место. Освен ова Алтернатива го условува Заев актуелната влада да го истера целиот мандат од девипол години колку што и преостанува.