Средба во министерството за економија со претставници на најголемите трговски ланци и дистрибутери во државата
Да се направи листа од 200те производи кои се најупотребувани кај граѓаните наместо да се оди со ограничување на маржата на околу 1.000 производи, ова е еден од предлозите на новата Комора на трговци кои денеска во Министерството за економија и труд го образложија. Потенцираат дека со нивниот предлог граѓаните ќе имаат намалени цени.
Од Министерство за економија информираат дека:
„Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, информираа од Министерството за економија и труд.“ - велат од Министерство за економија и труд.
Од СДСМ со реакција, велат дека Мицкоски ја втурна земјата во економска криза – цените повторно пораснаа за над 5%. Секој ден сè повеќе граѓани се борат да ги платат сметките и да купат храна за своите семејства. Цените растат, а платите не се менуваат.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ е изгубена. Нема план, нема решенија, нема вистинска грижа за народот. За осум месеци, не понудија ниту една мерка не го намали овој товар. Напротив, кризата станува сè подлабока, а луѓето се сè понемоќни. Дури и оние мерки кои ги понудија сега, кои претходно ги критикуваа и одбиваа, не се способни да ги спроведат.“ - велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ со контра рекација, велат СДСМ се тие кои што го срозија животниот стандард на граѓаните, зголемија цена на струја за 50%, зголемија цени и ДДВ на прехранбените производи.
„Економскиот пустош што го оставија треба долго време да се санира и среди. Токму затоа, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ континуирано презема мерки за подобрување на економската состојба и животниот стандард на граѓаните.“ - реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради високите цени на храната граѓаните во два наврати го бојкотираа пазарењето, што резултираше со намалување на прометот кај трговците. Власта се пофали со мерки кои се уште не се воведени а во меѓувреме цените и понатаму растат.