Средба Трамп - Путин: Нема договор, но е постигнат напредок
Обидот за мир заврши без договор. Историската средба на претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин на Аљаска за ставање крај на војната во Украина заврши со општа констатација, нема договор, но е постигнат напредок.
Средбата помпезно најавувана, се одржа во атмосфера на политички спектакл, со црвен тепих, аплаузи, ракувања и насмевки, но без конкретен договор за војната во Украина и со нејасни помирувачки пораки. Претседателот Трамп остави отворени повеќе прашања, тврдејќи дека е постигнат „голем напредок“, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина. Претседателот на САД, посочи дека сега е до украинскиот претседател Володимир Зеленски да „го заврши тоа“ и дека ќе се закаже состанок меѓу украинскиот претседател и Путин, на кој Трамп би можел да присуствува.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Верувам дека имавме многу продуктивен состанок. Имаше многу, многу точки за кои се согласивме. Нема договор додека нема договор. Би рекол неколку големи точки, но сè уште не сме токму таму, постигнавме напредок.. Секако ќе го повикам претседателот Зеленски и ќе му кажам за денешниот состанок. Навистина постигнавме голем напредок“.
„Ќе разговараме со вас многу наскоро и веројатно ќе се видиме повторно многу наскоро“, му се обрати тој на рускиот претседател.
„Следниот пат во Москва“, одговори Путин.
Трамп вели „тоа е интересно“ и додава „Ќе добијам малку критика за тоа, но би можел да видам дека е можно да се случи“.
На заедничката прес конференција, Путин го поддржа ставот на Трамп дека војната никогаш немаше да почне ако Трамп ги добиеше изборите во 2020 година, но не понуди детали за речиси тричасовниот состанок и не одговори на прашања од новинарите
Путин ги опиша напорите на Трамп во врска со Украина како „скапоцени“ и посочи дека двајцата лидери постигнале „разбирање“. Тој ја повика Европа „да не фрла клуч во работата“ и „да не користи задкулисни договори“ за да ја торпедира. Рускиот претседател рече дека се согласува дека безбедноста на Украина мора да биде гарантирана, но исто така рече дека „причините за коренот на конфликтот“ мора да се решат.
Владимир Путин – претседател на Русија
„Имавме многу темелни преговори што беа доста корисни. Се согласувам со претседателот Трамп дека природно, треба да се обезбеди и безбедноста на Украина. Секако, ние сме подготвени да работиме на тоа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп утрово разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европски и НАТО претставници, по состанокот со рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски соопшти дека планира да се сретне со американскиот претседател во Вашингтон в понеделник. Трамп разговарал повеќе од еден час и со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

