Средба Рокас - Димитриевски

Европската унија строго ќе се фокусира на спроведувањето на реформите на Македонија во контекст на проширувањето на Западен Балкан, а сега веќе и по формирањето на новата влада во Бугарија, бидејќи тоа е процес кој мора да има интанзитет и секои добронамерни и конструктивни идеи се добредојдени.

Вака денеска евроамбасадорот во земјата Михалис Рокас ги коментира последните актуелни случувања поврзани со евроинтегративните процеси на земјата по средбата која ја имаше со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. За ова Рокас веќе посочи дека во неколку наврати е разговарано и со премиерот Мицкоски и овде но и на последните посети кои тој ги имаше во Брисел.

Лидерот на ЗНАМ, но и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски пак не пропушти прилика да потсети на владиниот став - уставни измени со одложено дејство но ја изнесе и забелешката дека билатералните спорови помеѓу две земји не треба да се решаваат во рамките на Европската унија иако како што посочи градењето на добрососедските односи е многу важно за овие процеси.

Во меѓувреме пак дел од бугарските медиуми  веќе пренесоа дека Бугарскиот премиер  Жељазков на средба со претседателот на Европскиот совет, искажал поддршка за проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, додека пак претседателот на Бугарија - Радев во телефонски разговор со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалог меѓу Белград и Приштиа, Мирослав Лајчак, изразил надеж дека „државниот врв на Република Македонија наскоро ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус  и со тоа ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“.