Средба Пендаровски - Мета: Деблокирање на процесот за членство во ЕУ

Отстранување на блокадата за членството на двете земји во ЕУ, констатирале на денешната средба во Скопје претседателите на  Македонија и на Албанија Стево Пендаровски и Илир Мета. 

„Деблокирање на процесот за членство во Европската унија на Северна Македонија и Албанија и скорешен почеток на пристапните преговори ќе даде позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на региониот“, заклучиле Пендаровски и Мета.

Претседателот Мета вчера пристигна во Скопје во тридневна посета на земјава. На денешната средба, двајцата претседатели констатирале дека билатерални односи имаат позитивен развој, а посветеноста на добрососедските односи  дава силен придонес за просперитетот, стабилноста, безбедноста и европската перспектива на регионот. Претходно, албанскиот претседател рече дека не сака Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Тој додаде дека треба да се најде решение за спорот меѓу Скопје и Софија и дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапување на некоја држава кон ЕУ. Сепак, Мета најави дека наскоро ќе ја посети и Бугарија и дека ќе има средба со неговиот бугарски колега Румен Радев со кого планира да разговара за што е она што може да се направи за изнаоѓање на решение на македонско- бугарскиот спор.

Средбата во Скопје е втора на шефовите на двете држави во повеќе од две години, откако во октомври 2019 година Пендаровски му беше гостин на Мета во Тирана.