Средба на претседателот Пендаровски со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Борел
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Жозеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија.
На средбата се разговараше за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, за реформскиот напредок во клучните области, како и за политичките состојби во земјава и во регионот.
Претседателот Пендаровски и високиот претставник Борел разменија мислења и информации за текот на пристапните преговори на Република Северна Македонија и скрининг процесот, и го поздравија одржувањето на денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Двајцата соговорници на средбата разговараа и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, како и за дијалогот Белград - Приштина во пресрет на утрешните преговори меѓу двете страни во Охрид.