Средба на претседателот Пендаровски со американскиот заменик помошник државен секретар, Габриел Ескобар
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави.
Соговорниците се согласија дека билатералните односи се одвиваат со одлична динамика како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски информираше за одвивањето на скрининг процесот и следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.
На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Косово Албин Курти, а кој се одржува во Охрид под покровителство на Европската Унија.