Средба на премиерите на Србија, Грција, Бугарија и Романија
Foto

Средба на премиерите на Србија, Грција, Бугарија и Романија

Романија за време на нејзиното шестмесечно претседавање со ЕУ на почетокот на следната година фокусот ќе го стави на земјите од Западен Балкан и поддршката на регионот во процесот на проширување. Ова во Белград го изјави романската премиерка Вјорика Данчила по третата заедничка средба на лидерите на Србија, Бугарија, Грција и Романија.

„Романија сака да стави посебен фокус на Западен Балкан. Го поддржуваме процесот на проширување, тоа ќе биде приоритет на агендата и клучна област во текот на претседавањето“. - изјави Вјорика Данчила – премиер на Романија.

Домаќинот на средбата, српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција најави дека наскоро ќе биде завршен западниот и источниот крак на Коридорот 10. Вучиќ, зборувајќи за заедничките инфраструктурни проекти, нашата земја ја именуваше како ПЈРМ.

„Разговаравме и за унапредување на железничката инфраструктура. Верувам дека ќе пронајдеме доволно интерес и пари, заедно со Скопје, да влеземе во таа инвестиција, бидејќи тогаш патот до Солун и до Атина и Пиреја би имал голем значење“. - изјави Вучиќ.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека Бугарија која пред Австрија претседаваше со ЕУ, беше насочена кон солунската агенда и го вратила Балканот во фокусот на ЕУ со надеж дека тоа ќе го направи и Романија.

„Проширувањето и процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан се главни приоритети за романското претседавање. ЕУ мора да донесе позитивни одлуки за луѓето на Балканот, а не да зборува од позиција на страв“. - изјави Ципрас.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека земјите од регионот имаат големи економски можности, а приоритет е проширувањето.

„Нема подобро место во ЕУ и нашите средби се секогаш во согласност со ставовите на ЕУ кога е во прашање проширувањето и економијата. Нашите земји имаат голем потенцијал од Дунав, Црно и Егејско море и не треба да бидеме потценети, туку да ги развиваме потенцијалите во иднина“.- изјави Борисов.

Обраќањето на четворицата лидери во еден момент било прекинато кога на еден од членовите на делегацијата ненадејно му се слошило, во момент кога на говорницата беше бугарскиот премиер Борисов.

0 Коментари

Остави коментари