Средба Муртезани-Вархеји во Брисел
Македонија нема време за губење – да се завршат потребните чекори од пристапниот процес со ЕУ. Ваква порака пристигна од Брисел, по средбата меѓу еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Во ек на заострена реторика и новата рунда препукувања на релација Скопје - Софија, еврокомесарот во заминување Вархеји, на социјалните мрежи, објави дека со Муртезани постигнале согласност за евроинтегративниот пат на земјата.
Оливер Вархеји еврокомесар за проширување - Добра размена со министерот Муртезани за пристапниот процес на Северна Македонија. Проширувањето е наша заедничка цел. Се согласивме дека нема време за губење кога станува збор за завршување на потребните чекори. Сите алатки се тука за да се направи голем успех за луѓето од Македонија.
И додека официјална Софија порачува дека нема да ја промени политиката кон Скопје, Муртезани го информирал еврокомесарот Вархеји дека Македонија е подготвена за суштински разговор со Бугарија.
- Европската Унија стои силно зад Република Северна Македонија во можноста за изнаоѓање начин за надминување на овој спор. Го информирав комесарот дека како Влада сме спремни за суштински дијалог со нашиот сосед Република Бугарија, дијалог којшто сметаме дека е неопходен и кој треба да заврши со надминување на овој проблем, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји, вели Орхан Муртезани министер за европски прашања.
Тензиите меѓу Скопје и Софија се интензивираа последните 10 дена. По изјавата на премиерот Мицкоски дека во Бугарија има техничка влада со која не треба да се преговара, бугарското МНР порача дека обидите на македонската влада за репреговарање на преземените меѓународни обврски се залудни и може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Бугарското МНР ја повика на разговор и македонската амбасадорка во Софија- Агнеса Руси, во вид на остар протест поради изјавите на вицепремиерот Александар Николоски, кој изјави дека министрите во техничката влада на Бугарија се политички маргиналци.