Средба Џафери-Агелер: Изборот на прв премиер Албанец е силна потврда за демократизацијата на Северна Македонија

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Н.Е. Анџела Прајс Агелер.

Премиерот Џафери ја истакна посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и нагласи дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

На средбата, премиерот и амбасадорката разговараа за потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори.

Премиерот Џафери нагласи дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.