Србија „одбројува“ до утрешните избори: Ќе донесат ли политички пресврт

Надежта и стравот пред изборен судир – Србија на политички крстопат по две години протести. 

Во атмосфера на тензија, говор на омраза, обвинувања за изборни нерегуларности, агресивна, високополаризирана кампања и страв од постизборна криза – студентите утре ќе го предизвикаат долгото владење на Вучиќ на предвремени парламентарни избори.  

6,4 милиони граѓани ќе избираат 250 пратеници во Народното собрание. Гласањето ќе се одвива на вкупно 8 392 избирачки места, од кои 93 ќе бидат во странство. Анкетите не покажуваат јасен фаворит – неизвесна ќе биде трката меѓу „Студентите победуваат“ наспорти  листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Експертите очекуваат рекордна излезност, но се скептични за избирачкиот список.  

Раде Џуриќ српски правник, истражувач и експерт за медиумско право : Рекордна излезност. Нешто што не можевме да го видиме во претходните години. Меѓутоа ако тоа го споредиме со избирачкиот список и нереалниот број на избирачи, нам воопшто не ни е јасно како ние ќе ја достигнеме таа бројка што се очекува 70% избирачи кои ќе излезат. Кога ќе видиме колку Срби живеат надвор од Србија и колку се обиделе да се пријават за гласање, гледате дека тоа не е реален број и дека тој избирачки список не е уреден како што требаше, затоа што имавме бројни опструкции.

Две години политичките судири ја држат Србија во се подлабока конфронтација, а  вербалните пресметки отвораат страв од физичко насилство.  Денеска е уапсен маж поради наводна подготовка на дејствија против уставниот поредок, поседувал  импровизирани експлозивни направи. Претходно беа уапсени уште петмина осомничени за планирање насилство на изборниот ден.   

Експертите утре очекуваат судири, се сомневаат во работата на полицијата и велат дека изминатите денови луге од локалните избирачки одбори се фатени со запечатени кеси со гласови, а се прекршувал и изборниот молк. 

Раде Џуриќ српски правник, истражувач и експерт за медиумско право : Слушаме бројни најави како за бугарски воз, така и за прскање со спрејови дури и на бравите на портите и становите на граѓаните, посебно се најавува тоа сега во Нов Белград, за на денот на гласањето да се појават со раце кои се веќе обележани, како на пример веќе да гласале. Така што луѓето се навистина исплашени и навистина чекаат да видат што ќе биде тој ден. 

На последниот митинг студентите му порачаа на Вучиќ дека во недела ќе ја ослободат татковината. Александар Вучиќ пак обвини дека Србија е нападната однадвор. 

Многумина пешачеа со денови од сите краишта на Србија за да стигнат до Белград , со цел да го претворат  завршниот митинг на студентите во симбол на решителност. 

Екс претседателот Вучиќ кој на чело на српската влада застана во 2014та, а 3 години подоцна стана и шеф на државата, во кампањата на СНС беше доминантна фигура. Возеше со автомобилот низ облаците, водеше фиктивна дебата со столица, а на неа слика од првиот на листата на студентите Илија Срдановиќ и камен за зелка, а се претстави и како келнер. 

По две години протести по трагедијата во Нови Сад, утре Србија влегува во изборен расплет во кој незадоволството од улиците се прелева во битка за власт, а исходот може да означи пресврт на политиката што ја води СНС .