Спуштена завесата на фестивалот “Петре”, Велес неколку дена во театарски ритам

Претставата „Другата страна“ на Црногорското народно позориште е апсолутен победник на петтото издание на регионалниот театарски фестивал 5Ре, кој во претходните две недели се одржа во Велес.

Освен највисокото признание, Гран при за најдобра претстава, жирито ѝ додели уште две значајни награди. Признанието за најдобра режија му припадна на Зоран Лијешевиќ, додека наградата за најдобра машка улога ја освои Александар Радуловиќ. Со ова, „Другата страна“ се издвои како најкомплетно остварување на фестивалот. Станува збор за современа драмска претстава која преку силна актерска игра и впечатлива режија, ги истражува човечките односи и моралните дилеми во современото општество.

Две награди освои и претставата „Куршуми над Бродвеј“ на Драмски театар Скопје. Јована Спасиќ беше прогласена за најдобра женска улога, додека Сашо Тасевски ја доби наградата за најдобра споредна машка улога. Станува збор за динамична и духовита сценска адаптација, која преку хумор и брзо темпо ја освојува публиката, но истовремено отвора и прашања за уметноста, амбицијата и компромисите во театарот.

Меѓу наградените е и Тања Кочовска, која ја доби наградата за најдобра споредна женска улога во претставата Народен пратеник, нејзино прво вакво признание во кариерата. Публиката, пак, за своја омилена ја избра претставата „Аматери“ на Театар Комедија од Скопје, која ја освои наградата за најдобра претстава според гласовите на гледачите. Честа да го затвори фестивалот ја имаше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на кого велешкиот театар му е матична сцена.

Годинешното издание на фестивалот 5Ре, во чест на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, во кое публиката виде осум претстави, меѓу кои и премиерата на Тестостерон на велешкиот театар, според многумина е најуспешното досега. За речиси секоја претстава се бараше билет повеќе, а велешката публика уште еднаш потврди дека живее со театарот.