Спречена работата на “Бехтел и Енка” во изградба на автопатот Прилеп - Битола
Да престанат минирањата на Бехтел и Енка, поради кои ни се уриваат куќите, а во опасност се и изворите на питка вода за Прилеп. Со вакви барања неколку дена протестираат жителите на прилепското села Ореовец, кои денеска го блокираа локалниот пат кон селото, не дозволувајќи на механизацијата да влезе кон градилиштето.
Тие обвинуваат дека никој не ги известил оти Бехтел и Енка тука ќе врши ископ на суровини, за изградба на автопатите до коридорите 8 и 10Д.
Жителите велат дека од минирањето, еден од деветте извори на вода за пиење е неупотреблив. Во опасност се и ректите инсекти кои ги има во овој предел, но и црквата, која веќе е оштетена.
Од Државни патиша велат дека ископот е согласно добиените лиценци, одобренија и концесии. Оттука ќе се вади камен за изградба само на автопатот Прилеп - Битола, велат од ЈПДП и негираат дека минирањата се вршат толку блиску до објектите, како што жителите велат.
„Фирмата која го врши минирањето, и покрај тоа што не е нејзина обврска, постапувајќи одговорно, 24 часа пред самото минирање вербално ги известила и жителите на с. Ореовец. Исто така, се проверува и влијанието на секое минирање. Најблискиот објект од местото на минирање е оддалечен точно 706 метри, во која точка се поставени мерни инструменти кои мерат бучава и вибрации, согласно кои може да се види дека и вибрациите и бучавата се минимални.“ - велат од Државни патишта.
Во меѓувреме, жителите на Ореовец поднесоа претставка до Уставниот суд, со која ќе бараат преиспитување на законот кој на Бехтел и Енка им овозможува минирање, а од судот ќе бараатр проценка на досегашните штети.
Пред неколку месеци, жителите на гостиварските села Горна и Долна Бањица протестираа против изградбата на базата на Бехтел и Енка, поради која им се одзеде земјоделско земјиште.